Мисија: Секретаријатот за законодавство согласно Законот на Владата на Република Северна Македонија надлежен е за обезбедување на конзистентноста на правниот систем, усогласеноста на предлозите на законите и другите прописи со Уставот на Република Северна Македонија, со законодавството на Европската Унија и со меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и дава стручни-правни мислења по прописите на општините за кои тоа Министерството за локална самоуправа ќе го побара.
Визија: Проверка на компатибилноста на законодавство на Република Северна Македонија со законодавството на Европската унија и оценка на усогласеноста на националното законодавство со законодавството на Европската Унија
Секретаријатот за законодавство е формиран со Закон за Владата на Република Северна Македонија како самостојна стручна служба. Секретаријатот за законодавство согласно Законот на Владата надлежен е за обезбедување на конзистентноста на правниот систем, усогласеноста на законите и другите прописи со Уставот на Република Северна Македонија и со меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Северна Македонија.
Секретаријатот за законодавство ја остврува својата функција и во обезбедувањето на методолошкото единство во подготвувањето на законите и другите прописи од аспект на нивно стручно правно концепирање согласно правниот систем и номотехничко оформување на текстовите на законите и другите прописи што ги подготвуваат министерствата и другите органи на управата преку давање стручни правни мислења до истите. Во таа смисла:
- Дава стручна помош на органите на државната управа и управните организации и учествува во изготвување на законите и другите прописи.
- Проучува прашања од областа на правниот систем и дава по истите стручни мислења и предлози на Владата на Република Северна Македонија по тие прашања
- Се грижи за објавување на прописите и другите акти на министрите кои раководат со министерствата и функционерите кои раководат со други органи на управата и управните организации во "Службен весник на Република Северна Македонија".
Стратешката определба на Република Северна Македонија за зачленување во Европската унија меѓу другото ја наметна потребата од следење, проверка на компатибилнсота на републичкото законодавство со законодавството на Европската унија и оценка на усогласеноста на националното законодавство со легислативата на Европската Унија.
Во рамките на напорите на Република Северна Македонија за интеграција во Европската Унија и одвивањето на процесот на усогласување на националното законодавство со законодавството на Европската Унија, Секретаријатот за законодавство има значајна улога во оценувањето на усогласеноста на прописите што ги подготвуваат органите на државната управа со законодавството на Европската Унија.
Имено, ваквото улога на Секретаријатот за законодавство ја наметна и потребата од поблиску прецизирање на неговите надлежности и изменување и дополнување на Законот за Владата на РСМ( Сл. весник на РСМ бр. 59/00 - 12/03) според кои Секретаријатот за законодавство покрај работите што се однесуваат на обезбедување на конзистентноста на правниот систем и давање стручни мислења за усогласување на предлозите на законите и другите прописи со Уставот на Република Северна Македонија, ратификувани меѓународни договори, му се утврди надлежност и да дава стручни мислења за усогласеноста на националното законодавство со законодавството на Европската Унија како и по прописите на општините за кои Министерството за локална самоуправа тоа ќе го побара.
Во процесот на хармонизација на националното законодавство со законодавството на Европската Унија улогата на Секретаријатот за законодавство, се состои во анализирање на постоечките национални закони, анализирање на соодветните регулативи, директиви, одлуки и други прописи на Европската Унија, давање мислење за неопходните измени или дополнувања на законите или пак носење на нови соодветни хармонизирани закони, како и за можните начини на имплементација на новите закони т.е. изменетата легислатива.